Бројни содржини од областа на седмата уметност со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси предвидува годинешното седмо по ред издание на Фестивалот на нов европски филм што од денеска ќе се одржува во Охрид. Од вечерва до 21 овој месец на четири локации, на плажите „Славија“ и „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид ќе бидат прикажани седум долгометражни и 14 краткометражни филмови. Отворањето на фестивалот е резервирано за проекцијата на филмот „Живи и Здрави“, а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови – „Родео“, „Летото што доаѓа“, „Пожар“, „Млеко“, „Некои птици“ и „Пеликан“. Краткометражната програма вклучува и филмови од домашната продукција, оние на авторите Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов. За музичката програма ќе се погрижат бендовите „Сиото џез“ и „Харакири“, диџејките Баила, ДЏ МарТиан и музичкото дуо „Сиз“. Четиричленото интернационално жири е задолжено да ги одбере најдобрите и да ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Наградата „Мал бран“ ќе биде доделена на најдобриот краткометражен филм. Ова фестивалско издание предвидува и филмови за најмалите посетители што ќе бидат прикажувани на градската плажа „Сараиште“, секој ден од 17 до 21 јули од 20 часот. (Текстот е објавен во „МКД“ на 17.07.2024)