Шестото издание на Интернационалниот младински филмски камп Beach Film Camp се одржа од 14 до 21 септември 2024 година во Претор, Преспа. Проектот беше организиран како интензивна филмска работилница за млади студенти од Северна Македонија, Албанија и Грција, со цел да се овозможи креативна размена на идеи, стекнување практични знаења и развој на кратки филмски проекти. Конкурсот за аплицирање беше објавен на социјалните медиуми на организацијата, насочен кон студенти по филм од Северна Македонија, Албанија и Србија. Кандидатите мораа да бидат во почетните години на студиите на филмски академии. Од вкупно 20 пријавени кандидати, избрани беа 8 учесници, поделени во две групи по 4 членови, со посебно внимание на тоа да се обезбеди разновидност во однос на нивните универзитетски катедри. Меѓу селектираните беа 2 студентки од Тирана, Албанија, една студентка од Солун, и 5 од Северна Македонија. Учесниците, тимот и менторите беа сместени во хотел во Претор, каде беа задоволени потребите за пристапност до работни соби, сала за проекции и предавања. Првиот ден беше наменет за воведно запознавање на учесниците меѓусебно како и со тимот на филмскиот камп. Првичното запознавање со учесниците послужи како можност за секој од нив да ги сподели своите професионални позадини, претходни проекти и аспирации за иднината. Оваа интерактивна сесија беше дополнително збогатена со проекција на нивните досегашни филмски остварувања, како и прикажување на филмови од режисери чиј стил на работа го наоѓаат близок или инспиративен. Оваа задача им беше доделена пред официјалниот почеток на кампот. Овој дел беше клучен за поставување на основата за продуктивна работна атмосфера и понатамошна распределба на задачите. Учесниците беа водени низ дефинирана програма за секој ден, која вклучуваше поставување на идеа и разработка на сценарио, истражување и скаут на локации. По оваа фаза во наредните денови следеше процес на продукција, додека пак секој ден во дефинирани временски рамки се оддржуваше средба каде се разговараше за развојот и она што е постигнато, како и за давање на насоки за следните активности. Вечерните часови беа резервирани за мастеркласови, додека пак финалните денови за аудио и видео монтажа и проекција. Програмата беше структуирана со цел да ги покрие сите фази на филмската продукција, но истовремено овозможи и доволно простор за креативна слобода. Секоја група самостојно ја организираше внатрешната распределба на задачите, што доведе до ефективна работа каде секој учесник ја презема улогата за која беше најкомпетентен. Во рамките на кампот беа одржани неколку мастеркласови од искусни професионалци од Македонија, Србија и Англија: • Филмска режија и сценарио со Ана Опачиќ • Филмска камера и монтажа со Џон Краине (Англија) • Независна кинематографија со Давид Дољаница (Србија) • Филмска музика со Андреј Татарчевски • Архивски материјали со Александар Трајковски Овие мастер-класови се одвиваа во интерактивен формат, што им овозможи на учесниците не само да ги слушаат предавањата, туку и активно да поставуваат прашања и да учествуваат во дискусии. Главните теми опфатија широк спектар, вклучувајќи режија, камера, естетика, монтажа и музика во филмот, со посебен акцент на праксата во независната продукција. Во текот на курсот, групите работеа на развој на сценаријата и снимање на своите кратки филмови, следејќи ја програмата за снимање, монтажа и подготовка на финалните продукти. Периодите за скаутирање на локации, развој на идеите и практичната реализација беа продуктивни и овозможија успешно создавање на два кратки филма. Филмскиот камп заврши со проекцијата на двата финални кратки филма, што беше клучната цел на проектот. Проекцијата беше одлично прифатена од сите учесници, кои беа целосно вклучени во сите фази на создавање на филмовите. Учениците не само што стекнаа практични филмски знаења, туку и создадоа нови професионални и лични врски, кои ќе имаат долготрајно влијание врз нивниот понатамошен развој. Андреј Татарчевски и Моника Јовчевска, координатори